ЕЛЕКТРОНСКИ СЛУЖБЕН ГЛАСНИК НА ГРАД СКОПЈЕ
Година:
1999
Број:
10
Датум на издавање:
05/27/99
Општина:
Совет на Град Скопје
Тип:
правилник
Наслов:
Правилник за начинот на обележувањето, опремувањето и користењето на такси станиците во Град Скопје
Текст:
Врз основа на член 61 од Статутот на Град Скопје и член 8 од Одлуката за авто-такси превоз на патници во Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” бр. 2/99 и 4/99), Советот на Град Скопје на триесет и петтата седница, одржана на 27 мај 1999 година, донесе
ПРАВИЛНИК
за начинот на обележувањето, опремувањето и користењето на такси станиците во Град Скопје
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој Правилник се уредува обележувањето, опремувањето и начинот на користењето на такси станиците во Градот Скопје.
Член 2
Такси станицата се обележува, опремува и користи согласно Одлуката за авто-такси превоз на патници во Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” број 2/99 и 4/99), овој Правилник и елаборатот што за секоја такси станица посебно го изготвува градскиот орган надлежен за работите на сообраќајот (во натамошниот текст: надлежниот градски орган).
II. ОБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ТАКСИ СТАНИЦА
Член 3
Такси станица се обележува со известителна табла и со ознаки за обележување на површината наменета за паркирање на такси возилата.
Член 4
Известителната табла содржи натпис “ТАХИ”, а под него текст “ТАКСИ СТАНИЦА” и името на такси станицата испишано на македонски јазик со кирилско писмо.
Таблата од став 1 на овој член има облик на правоаголник со димензии 900х 600 мм, со основна сина боја, натписот ТАХИ и оквирната линија се во бела боја, а буквите на текстот се со црна боја.
Составен дел на овој Правилник е графичкиот приказ, односно изгледот на известителната табла, како и на големината и димензиите на буквите (прилог 1).
Член 5
На површината на такси станицата мора да бидат обележани (исцртани, исштрафтани), со стандардни ленти-штрафти онолку места за стоење на такси возилата колку што е капацитетот на такси станицата.
На површината на секое обележано место за стоење на такси возилата е испишана ознаката “ТАХИ”.
Штрафтите (лентите) за обележување на местата за стоење на такси возилата и буквите на ознаката “ТАХИ”се со жолта боја.
Составен дел на овој Правилник е и графичкиот приказ на хоризонталното обележување на местата за стоење на такси возилата (прилог 2).
III. ОПРЕМУВАЊЕ НА ТАКСИ СТАНИЦА
Член 6
На такси станиците мора да има поставено корпи за отпадоци, а може да се постави и друга урбана опрема (настрешници, клупи за седење, жардињери, телефонски говорници и сл.).
Потребниот број на корпи на една такси станица зависи од капацитетот на такси станицата и видот на паркирањето.
По една корпа за отпадоци се утврдува за:
капацитет од три такси возила при надолжно паркирање
капацитет од пет такси возила при нормално или косо паркирање
IV. НАЧИН НА КОРИСТЕЊЕ НА ТАКСИ СТАНИЦИТЕ
Член 7
Според начинот на користење, такси станиците од член 2 на Одлуката за авто-такси превоз на патници во Град Скопје, се определуваат како:
такси станици во кружен систем
слободни такси станици
Такси станиците од алинеја 1на став 1 на овој член ги утврдува надлежниот градски орган.
Член 8
Такси станиците во кружен систем се користат согласно утврден тримесечен распоред за дневно ротирање на група превозници - членови на Групацијата за авто-такси превоз на Регионалната комора Скопје, при Стопанската комора на Македонија (во натамошниот текст: Групацијата).
Бројот на групите на превозници е соодветен на бројот на такси станиците.
Рспоредот на користењето на такси станиците, во смисла на став 1 на овој член, како и големината на групите на превозници и нивното означување (нумерирање) ги утврдува и усогласува надлежниот градски орган.
Авто-такси превозниците (односно групите) се должни да ги користат такси станиците согласно утврдениот распоред во текот на 24 часа, со почеток од 05 часот.
Член 9
Големината на групата се утврдува во зависност од бројот на такси станиците и бројот на издадените лиценци на превозниците - членови на Групацијата.
Се дозволува отстапување од 10% од утврдената големина на групата.
Член 10
За секоја група на превозници, превозниците изготвуваат список со следните податоци за секој член во групата:
1.
Назив и седиште на правното лице, односно име и презиме и адреса на физичкото лице;
2.
Реден број под кој е издадена лиценцата;
3.
Датум на издавање на лиценцата и
4.
Регистерски број на возилото со кое се врши превоз.
Списокот се доставува до надлежниот градски орган пред утврдување на распоредот.
За секоја промена на доставениот список, превозникот писмено го известува надлежниот градски орган.
Член 11
Слободни такси станици се оние такси станици што не се опфатени со кружниот систем и на нив такси возилата се поставуваат според редоследот на нивното доаѓање.
V. ЗАВРШНА ОДРЕДБА
Член 12
Овој Правилник влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во “Службен гласник на Град Скопје”.
Број 09-1375/1
27 мај 1999 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАВАЧ НА СОВЕТОТ
НА ГРАД СКОПЈЕ
Јове Кекеновски,с.р